Проект “Граѓански навигатор – Прилеп“
Здружението Центар за иновации и развој ИНОС започнува со имплементација на проектот „Prilep Civic Navigator“, поддржан во рамки на програмата Digital Spark.
Проектот има за цел да го олесни пристапот на граѓаните до информациите за локалните административни услуги и процедури преку развој на иновативна дигитална алатка – Civic Navigator.
Граѓаните секојдневно се соочуваат со предизвици при пронаоѓање на информации за административните постапки, потребните документи, надлежните институции и официјалните обрасци. Често информациите се распределени на повеќе различни веб-страници, не се лесно достапни или не се доволно јасно објаснети, што резултира со губење време и дополнителни трошоци за граѓаните.
Преку проектот ќе биде развиена дигитална платформа која ќе функционира како водич низ локалните услуги и административни процедури. Платформата ќе овозможи корисниците на едноставен и разбирлив начин да добијат информации за потребните чекори, документација, рокови и надлежни институции за одредени постапки, како и пристап до официјални обрасци и шаблони за преземање.
Особен фокус ќе биде ставен на корисничкото искуство и примената на современи дигитални решенија, вклучително и интерактивни алатки кои ќе им помогнат на граѓаните побрзо и полесно да ги пронајдат потребните информации.
Со проектот „Prilep Civic Navigator“ сакаме да придонесеме кон поголема транспарентност, подобра информираност на граѓаните и поефикасна комуникација помеѓу локалната самоуправа и граѓаните.
Нашата визија е административните процедури да бидат едноставни, разбирливи и достапни за сите. Веруваме дека дигиталните технологии можат значително да го подобрат пристапот до јавните услуги и да придонесат кон поотворени и поодговорни институции.
