Проект “Граѓански навигатор – Прилеп“

Здружението Центар за иновации и развој ИНОС започнува со имплементација на проектот „Prilep Civic Navigator“.

Оваа активност е поддржана од CIVICUS Digital Democracy Initiative (DDI).

Проектот има за цел да го олесни пристапот на граѓаните до информациите за локалните административни услуги и процедури преку развој на иновативна дигитална алатка – Civic Navigator.

Граѓаните секојдневно се соочуваат со предизвици при пронаоѓање на информации за административните постапки, потребните документи, надлежните институции и официјалните обрасци. Често информациите се распределени на повеќе различни веб-страници, не се лесно достапни или не се доволно јасно објаснети, што резултира со губење време и дополнителни трошоци за граѓаните.

Преку проектот ќе биде развиена дигитална платформа која ќе функционира како водич низ локалните услуги и административни процедури. Платформата ќе овозможи корисниците на едноставен и разбирлив начин да добијат информации за потребните чекори, документација, рокови и надлежни институции за одредени постапки, како и пристап до официјални обрасци и шаблони за преземање.

Особен фокус ќе биде ставен на корисничкото искуство и примената на современи дигитални решенија, вклучително и интерактивни алатки кои ќе им помогнат на граѓаните побрзо и полесно да ги пронајдат потребните информации.

Со проектот „Prilep Civic Navigator“ сакаме да придонесеме кон поголема транспарентност, подобра информираност на граѓаните и поефикасна комуникација помеѓу локалната самоуправа и граѓаните.

Нашата визија е административните процедури да бидат едноставни, разбирливи и достапни за сите. Веруваме дека дигиталните технологии можат значително да го подобрат пристапот до јавните услуги и да придонесат кон поотворени и поодговорни институции.