Посета на Амбасадорот на Австралија на ИНОС и Спортскиот аеродром во Мало Коњари
Центарот за иновации и развој ИНОС имаше чест да биде домаќин на Н.Е. Трусвел, Амбасадор на Австралија за Србија, Северна Македонија и Црна Гора, кој во посета на организацијата пристигна заедно со почесниот конзул Зоран Костовски и претставници на Австралиската амбасада. Амбасадорот беше пречекан од претседателот на ИНОС, Ѓорѓи Манчески, и проектниот координатор Марија Мидовска Петкоска. Посетата претставуваше второ средба и продолжување на воспоставената соработка меѓу ИНОС и Австралиската амбасада, што воедно претставува значаен показател за взаемниот интерес за развивање на партнерството.
Во текот на средбата беа презентирани активностите и проектите на ИНОС, со посебен акцент на проектите кои досега се реализирани со поддршка и во соработка со партнери. Разговаравме за резултатите и влијанието што овие иницијативи го имаат врз локалната заедница, како и за искуствата стекнати преку нивната реализација. Посебен дел од разговорот беше посветен на идните можности за соработка и развивање на нови иницијативи. Разменивме идеи за областите во кои ИНОС може да продолжи да придонесува преку своите проекти, како и за можностите за поддршка од страна на Австралиската амбасада во реализацијата на идните активности. Досегашната поддршка од Амбасадата за еден од проектите на ИНОС претставува важна основа за понатамошно градење на ова партнерство.
Во рамките на состанокот, делегацијата го посети Спортскиот аеродром во Мало Коњари, каде што гостите имаа можност непосредно да се запознаат со просторите, инфраструктурата и капацитетите со кои располагаме. За време на прошетката низ хангарот, на Амбасадорот и претставниците на Амбасадата им беа претставени нашите капацитети, опремата и активностите поврзани со воздухопловството, како и нашите намери за понатамошен развој на едриличарството во регионот. Особено внимание посветивме на приказната за едриличарството во Мало Коњари. Пред околу две децении, на ова место постоел активен аеродром на кој се одвивале активности поврзани со едриличарството и воздухопловството. Со текот на времето, аеродромот престанал да функционира, а инфраструктурата постепено била ставена надвор од употреба. По речиси 20 години, започна ново поглавје. Со посветеност, вложувања и повторно активирање на просторот, аеродромот е реновиран и повторно ставен во функција, создавајќи можност повторно да се развива воздухопловната традиција во овој дел од регионот.
Нашата визија е Спортскиот аеродром во Мало Коњари повторно да стане место каде што ќе се развиваат едриличарството, воздухопловните спортови, младинските активности и едукативните програми, но и простор кој ќе има пошироко значење за развојот на туризмот, спортот и локалната заедница во Пелагонискиот регион. Посетата на Амбасадорот и тимот на Австралиската амбасада беше можност не само да ги претставиме нашите досегашни резултати, туку и да ја споделиме нашата визија за иднината. Од ИНОС остануваме посветени на градење партнерства, развивање нови идеи и создавање можности кои имаат долгорочно позитивно влијание врз заедницата.
