ИНОС учесник на MEGAPHONE & e-Society 2026

Центарот за иновации и развој ИНОС ќе учествува на Megaphone & e-Society 2026, регионален настан посветен на дигиталните права, граѓанското општество, технологијата и иновациите за општествен развој, кој ќе се одржи во Скопје од 27 до 29 октомври 2026 година. Учеството на ИНОС претставува можност организацијата да го сподели своето искуство во развојот и примената на дигитални и иновативни решенија за граѓаните и локалните заедници, како и да разменува знаења и искуства со организации, експерти и практичари од Северна Македонија и регионот.

Во рамки на настанот, ИНОС ќе го претстави Prilep Civic Navigator, иновативно решение базирано на вештачка интелигенција и граѓанска технологија (civic tech), развиено со цел да им овозможи на граѓаните полесен, побрз и поразбирлив пристап до информации за локалните јавни услуги, административните постапки и можностите за учество во локалниот живот.  Prilep Civic Navigator е замислен како дигитален водич кој ги доближува локалните институции и јавните услуги до граѓаните. Преку едноставен и интуитивен начин на комуникација, граѓаните ќе можат да добијат информации за различни постапки, потребни документи, надлежности и начини на поднесување барања, без потреба од сложено пребарување низ различни извори. Развојот на Civic Navigator е дел од заложбите на ИНОС за примена на вештачката интелигенција и дигиталните технологии во служба на граѓаните, со посебен фокус на подобрување на пристапот до информации, транспарентноста и граѓанското учество на локално ниво. Развојот на оваа алатка е поддржан од CIVICUS Digital Democracy Initiative (DDI) во партнрство со Метаморфозис и TechSoup

Преку учеството на MEGAPHONE & e-Society 2026, ИНОС ќе има можност да го сподели искуството од Прилеп со пошироката регионална заедница и да отвори простор за размена на идеи, искуства и можности за идни партнерства во областа на дигиталната трансформација и граѓанската технологија. За ИНОС, учеството на овој настан е уште еден чекор кон создавање иновативни, достапни и граѓански ориентирани дигитални решенија кои технологијата ја користат за да создадат реална вредност за заедницата.