AirFlow Music Festival

Во септември, на уникатната локација Спортскиот аеродром во Прилеп, се одржа AirFlow Music Festival, еден од највпечатливите музички и културни настани во регионот. Како главен иницијатор и организатор, ИНОС го осмисли и реализираше фестивалот од почетната идеја, преку концептот и програмата, па сè до целосната логистичка и техничка организација на настанот. Целта на фестивалот беше да се создаде современ културен настан на отворено, кој ќе ги поврзе музиката, младите, заедницата и општествената одговорност, но и да се промовира Прилеп како град со потенцијал за алтернативни и модерни културни случувања.

AirFlow Music Festival понуди квалитетна музичка програма со настапи на домашни и регионални артисти, кои создадоа енергична и автентична атмосфера и привлекоа голем број посетители од Прилеп и поширокиот регион. На главната бинa настапија талентирани музички имиња, вклучувајќи ги:

  • LockDown
  • The Hounds
  • Maci Stojanovic b2b Vishko
  • Andrew Meller
  • Room313

Изборот на Спортскиот аеродром како локација беше со цел да се искористи нетипичен урбан простор и да се претвори во жива културна сцена, што дополнително придонесе за уникатното фестивалско доживување.

Покрај забавниот и културниот карактер, фестивалот имаше и силна хуманитарна димензија, што е во согласност со вредностите и мисијата на ИНОС за општествена одговорност, солидарност и активна поддршка на заедницата. Преку настанот се испрати јасна порака дека културата и музиката можат да бидат алатка за позитивни општествени промени. Влезниците беа достапни по симболична цена, а сите приходи од продажбата како и средствата обезбедени од спонзорите беа донирани за помош на настраданите лица од пожарот во Кочани, преку соработка со организацијата Support Kocani и Центарот за култура „Марко Цепенков“ – Прилеп.

Со успешната реализација на AirFlow Music Festival, ИНОС уште еднаш ја потврди својата улога како активен креатор на иновативни културни и општествени иницијативи, организација која не само што развива проекти во областа на образованието и истражувањето, туку и активно придонесува кон развојот на културниот живот, младинската сцена и локалната заедница. AirFlow Music Festival претставува значаен чекор кон градење одржлива платформа за културни настани во Прилеп и пошироко, и јасен пример за тоа како ИНОС преку практична акција ги претвора идеите во реални, видливи и влијателни резултати.