Работилница: “Искористување на потенцијалите на вештачката интелигенција за справување со загадувањето со цврст отпад“
На 24 април 2025 година, во хотелот „Кристал Палас“ во Прилеп, Центарот за иновации и развој ИНОС – Прилеп ја организираше работилницата на тема „Искористување на потенцијалите на вештачката интелигенција за справување со загадувањето со цврст отпад“.
На работилницата учествуваа претставници на Локалната самоуправа на Прилеп, Инспекторатот за животна средина, Јавното претпријатие „Комуналец“, како и претставници на граѓански организации и активисти за заштита на животната средина. Нивната подготвеност да се вклучат во процесот и да придонесат со идеи, искуство и предлози, беше од огромно значење за успехот на настанот.
Во првиот дел од работилницата, на учесниците им беше претставен концептот на примена на современи ИТ алатки и вештачка интелигенција во решавањето на еколошките предизвици, со акцент на проблемот со дивите депонии. Беше презентирана мобилната апликација Vertex Waste Management, која овозможува лесно пријавување на диви депонии преку фотографирање и автоматска испорака на информациите до базата на податоци.
Еден од клучните сегменти на работилницата беше заедничката работа на учесниците во креирањето на иницијален модел за workflow. Моделот предвидува граѓанинот да ја фотографира дивата депонија преку мобилната апликација, по што податоците автоматски се испраќаат во централен систем каде алгоритам на вештачка интелигенција ја верификува пријавата. Доколку се потврди постоење на депонија, известување автоматски се испраќа до Инспекторатот за животна средина, кој понатаму координира активности за чистење, санкционирање или други потребни мерки. На крајот, до граѓанинот-пријавувач се испраќа повратна информација за преземените активности.
Преку конструктивна дискусија и размена на мислења, учесниците ја нагласија важноста од добра координација меѓу институциите и вклучување на јавноста во заштита на животната средина. Особено беше истакната потребата од брза реакција и транспарентно известување за решените случаи.
На крајот на работилницата, беше најавено дека во следниот период ќе започне пилот тестирање на апликацијата во Општина Прилеп, со активна вклученост на сите засегнати страни. Овој пилот-проект ќе биде основа за понатамошно унапредување на системот и можност за негова примена и во други општини низ земјата. Работилницата заврши во позитивна атмосфера, со јасна заедничка заложба за унапредување на механизмите за заштита на животната средина преку иновативни технолошки решенија.



