Академијата за циркуларна економија

Академијата за циркуларна економија

ИНОС со гордост беше дел од првата средба на Академијата за циркуларна економија, како една од 12-те селектирани организации во рамките на проектот „Граѓанското општество и младите за инклузивен и одржлив развој преку циркуларна економија во Северна Македонија“. Овој значаен проект, финансиран од Европската Унија преку ИПА Програмата за поддршка на граѓанското општество 2022-2023, се реализира од ПИН – Луѓе во потреба како координатор, во партнерство со АРНО, Лидери за едукација, активизам и развој (LEAD) и Ековита. Проектот има за цел да ја поттикне транзицијата на Северна Македонија кон зелена и одржлива економија преку јакнење на капацитетите на граѓанските организации, активирање на младите и интеграција на циркуларната економија во образовниот процес. Самиот проект е одговор на сериозните еколошки и општествени предизвици со кои се соочува земјата, како што се ниската стапка на рециклирање од само 1%, недоволната свест за циркуларната економија и ограничените капацитети за имплементација на одржливи практики.

Академијата е дизајнирана како шестмесечна програма која има за цел да им овозможи на организациите да развијат иновативни идеи и бизнис модели базирани на принципите на циркуларната економија. Програмата опфаќа едукативни модули, менторски сесии, експертска поддршка и активности за вмрежување, создавајќи средина во која организациите можат да го зголемат својот капацитет за спроведување одржливи решенија.

На 23 декември 2024 година, тимот на ИНОС присуствуваше на првата средба од Академијата, која се одржа во Скопје. Средбата започна со воведно запознавање помеѓу избраните организации, менторите и експертите кои ќе бидат дел од процесот во наредните шест месеци. Во рамките на првата обука, беше одржан воведниот модул на тема „Вовед во циркуларната економија и 8Р принципи“, кој го водеше проф. д-р Наташа Даниловска од Економскиот институт при УКИМ. Овој модул претставуваше важен чекор за разбирање на основните концепти на циркуларната економија, како и принципите кои ја водат оваа одржлива практика – Reduce (Намали), Reuse (Повторно искористи), Recycle (Рециклирај), Rethink (Преиспитај) и други. Покрај обуката, средбата овозможи можности за вмрежување, размена на искуства и поставување на темелите за соработка помеѓу учесниците.

Во наредниот период, ИНОС ќе продолжи активно да ја следи Академијата, да учествува во менторските и експертските сесии и да работи на развој на предложената идеја која ќе придонесе кон унапредување на циркуларната економија во локалната заедница. Со поддршка од менторите и експертите, нашиот тим ќе се фокусира на изработка на социјален бизнис модел, буџет, акциски план и стратегија за имплементација. Учеството во Академијата не само што ни овозможува пристап до нови знаења и алатки, туку и можност за поврзување со други организации кои делат слични вредности и цели.